Мировни преговори

Ердоган: Влеговме во период кога мора да постигнеме конкретни резултати

29.03.2022 13:10

Русија и Украина на нова рунда преговори за мировно решение. Битките на фронтот не запираат. Советот за безбедност на Обединетите нации на состанок за хуманитарната криза во Украина.

Нов обид за мировно решение на руско-украинскиот конфликт. Делегациите од Киев и Москва на средба во Истанбул со посредство на Ердоган. Меѓу присутните е и рускиот олигарх Роман Абрамович. Безбедносните гаранции и неутралноста на Украина меѓу главните точки. Според нацрт-договорот, Русија ќе се откаже од денацификација на Украина и ќе му дозволи на Киев да се приклучи на ЕУ ако се откаже од НАТО. Украина да не развива нуклеарно оружје ниту да има странски воени бази на своја територија. Турција, која поседува во преговорите, гледа вредно пријателство и со двете земји.

„Прекинот на огнот ќе биде во корист на сите. Влеговме во период кога мора да постигнеме конкретни резултати. Со оглед на фазата до која стигнавме, членовите на овие делегации презедоа историска одговорност. Целиот свет очекува добри вести“, изјави претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган.

Киев скептичен околу шансите за успех. Претседателот Зеленски бара директна средба со својот руски колега Путин, но Кремљ смета дека е прерано за таков чекор.

„Состанокот е потребен веднаш штом ни биде јасен исходот на сите клучни прашања. Ние со години зборувавме за нив, но Западот не нè слушаше. Сега нè слушнаа“, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

На маса разговори, на терен воени операции. Планирани се нови три хуманитарни коридори.

„Бранителите напредуваат кон регионот на Киев, ја враќаат контролата врз украинската територија. Го ослободивме Ирпин. Окупаторите се истерани од Киев и Ирпин, но сè уште е рано да се тврди дека е безбеден овој регион“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Во Одеса засега мирно, но жителите ги подготвуваат древните катакомби како засолништа.

„Бевме под силен оган. Ракети. Бомби.“

„Се надевам дека ќе ги зачуваме овие убави градби, улиците и народот. Се надевам дека овде нема да паднат ракети.“

САД распоредуваат шест морнарички авиони специјализирани за електронско војување и 240 припадници на морнарицата како засилување на одбраната на НАТО во источна Европа. „Авионите ЕА-18Г Граулер ќе се стационираат во воздухопловната база Шпангдалем, Германија, но тие не нема да се употребуваат во Украина“, соопшти Пентагон.

Неизвесен исходот и од економската војна. Зеленски инсистира на итно заострување на санкциите и воведување на ембарго на нафта. Кремљ ја предупреди Европа-ако не плаќате во рубљи, нема руски гас.

Маја С. Филдишев