Првиот оглас од државните мерки за вработување на 5-ти април
За годинава со оперативниот план се планирани 30 милиони евра за вработување на околу 15 илјади лица, што е 5 милиони повеќе од лани. Посебен акцент се става на младите невработени до 29 години, долго невработените и корисниците на загарантирана социјална помош. Првиот оглас е на 5 април.

Секоја млада личност треба да биде храбра, самоуверена дека може нешто да постигне, и со понудената поддршка да се оствари себеси – велат младите кои се вработиле преку владините мерки за вработување. Мартин Митевски, раскажува дека бил на крај со студиите кога го видел огласот за практикантство во фирмата каде што после 3 месеци пракса веќе ја гради својата кариера и го остварува својот сон.
„Практикантството им го препорачувам на младите, многу е добро да се запознаат со фирмата во којашто би сакале да работат. Лично мене практикантството и фирмата ми се погоди и еве веќе сум тука од кога заврши праксата после тие три месеци се вработив и сум вработен веќе една година“, рече Мартин Митревски – вработен преку оперативен план на владата.
Оперативниот план проектиран да обезбеди 15 0000 вработувања е вреден 1,8 милијарди денари. Со него се опфатени ранливи категории на невработени, лица со попреченост, корисници на гарантирана минимална помош и луѓе кои ја изгубиле работата поради корона кризата. Целта е полесно да се вклучат во пазарот на труд.
„Првите јавни огласи за програмата самовработување, вработување и раст на правни субјекти и практикантство ќе бидат објавени од 5 април а останатите ќе се објавуваат етапно по однапред дефиниран распоред и план. Ги повикувам сите невработени лица и работодавачите преку нашите 30 центри за вработување да аплицираат за програмите и мерките од нивен интерес“, Беким Мурати – директор на Агенција за вработување.
Ќе се имплементира и мерката за поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции – најавија надлежните
Од владата велат дека во зависност од интересот за мерките, ќе се распределуваат и пренаменуваат и средствата во рамки на оперативниот план.
Ана Ј. Тодоровска
