Гордата Македонија против моќната Португалија – за историја
Вечер во Порто, македонските фудбалски репрезентативци на стадионот, „Драгао“, на мегдан за историја, со репрезентацијата на Португалија. На чекор сме до светското првенство во Катар. Црвено- жолтите со верба, дека победа во плеј-оф финалето, е и тоа како можна...

До неодамна беше незамисливо, сега е реалност, Македонија учествува во креирањето на сегашноста на светскиот фудбал. Поради потенцијалот, па и собраното искуство, не можеме да прифатиме дека за натпреварот со Португалија важи она „сега или никогаш“. Ќе биде најдобро да биде уште вечерва, бидејќи нашите фудбалери го заслужија ова плеј-оф финале. Никој ништо не им подари.
Се пласира ли Македонија на катарскиот мундијал, тоа ќе биде веројатно раритет, не затоа што би била дебитант, туку поради евентуалните три победи против сегашен и некогашни европски шампиони. Ваков квалификациски циклус ретко или можеби никој досега во фудбалот нема одиграно.
Ете нека е и затоа, но би било тажно Македонија да застане во Порто, без разлика на врвниот квалитет на Португалија изразен и во мултимилионска вредност.
„Португалија е составена од извонредни играчи кои и тоа како имаат големо значење во европскиот фудбал, но ние покажавме дека можеме и против таков вид на противник. Ние имаме свои квалитети, особено како тим и целина, па ќе видиме што ќе преовлада, дали индивидуалните квалитети или тимот со колективна игра и поставеност“, вели селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски.
Репрезентација сега ќе биде комплетна, па тоа му остава простор на селекторот Милевски за неколку варијанти. Одбраната нема да се менува, во средината опција е и Костадинов како клучен во триаголникот, а Адеми ќе треба да го издржи цел натпревар. Елмас може да одговори и на обврските во редот за врска, но и да добие малку повеќе слобода во нападот, доколку Трајковски биде главен офанзивец.
„Фаворит е Португалија и според традицијата и според рејтингот и според сето она што значи во моментов во европскиот фудбал. Но, Македонија не случајно е тука, покажа квалитети коишто не ставија во моментов меѓу дваесетте репрезентации во Европа. Мислам дека на Македонија е да ужива во моментот и во натпреварот“, смета Милевски.
Португалскиот стратег Фернандо Сантош веројатно ќе направи две замени во дефанзивната четворка во којашто ќе се вратат Кансело и Пепе. Тоа би значело дека Данило пак би играл во редот за врска покрај Фернандеш и Силва. Селекторот му верува на Отавио, па тој ќе биде дел од офанзивното трио со Роналдо и со Жота.
Португалија има одличен ефект на „Драгао“ од 12 победи, три нерешени и пораз само од Грција во својот прв меч на тогаш новиот стадион, во стартното коло на Европското првенство во 2004-та. Но, Македонија во овој пеколен циклус соборуваше свои рекорди, прекинуваше противнички традиции, им пркосеше на бројките коишто во фудбалот не мора ништо да значат.
Ова се натпревари во коишто и среќата може да биде фактор. Нека ја имаат и нашите фудбалери и 1500-те македонски навивачи во Порто и на цела Македонија.
Горан Стерјов, известувач на МТВ од Порто
