„Отворен Балкан“ за економски развој на регионот
Претставниците на стопанските комори на Македонија и Србија извршија увид во функционирањето на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, на граничните премини Прешево-Табановце. Целта на иницијативата, која веќе започна да ги дава резултатите, е да се забрза протокот на стоки и да се придонесе за развој на регионот. На овој премин камионите во моментов се задржуваат помалку од половина час.

Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ придонесе за побрз проток на стоки. На граничниот премин Табановце-Прешево камионите ги поминуваат сите проверки за помалку од половина час. Ова е заклучокот по работната средба на претставниците на стопанските комори на Македонија и Србија. Целта на иницијативата е слободен проток на стоки, подобри деловни услови и економски развој на регионот.
„На двата премини може да се видат табли, посебни линии за камионите од трите земји, заедно со сите оние олеснувања во царинските постапки, фитосанитарните проверки, посебните оператори и погодностите што тие ги користат. Се создава клима во сфера таа регионална економска соработка да се максимизира“, посочи Зоран Јовановски, претставник на Стопанска комора на Македонија.
Економските тимови од двете земји разговараа и како да се помогне дополнително да се намали и ова кратко време на чекање, но и да се соработува во сите области.
„Не е предност на отворениот Балкан само во тоа што камионите нема да чекаат долго или воопшто. Предност е во овие кризни времиња, сите три држави да соработуваат и за непречено снабдување со храна. Тоа го правиме и ние со Северна Македонија. Тоа се големите работи меѓусебе да не размислуваме дали ќе имаме масло, шеќер, жито“, истакна Марко Чадеж, претседател на Стопанска комора на Република Србија.
Според податоците, Табановце – Прешево е најбрз премин по проток на стоки. Дневно поминуваат по 600 камиони, а лани вкупната бројка е 22 000 камиони. Транспортерите со исти очекувања, побрз проток, без задржувања.
„Се надеваме дека ќе биде добро, со метеж е катастрофа, но горе е многу полошо“, вели еден возач.
„Ќе биде добро, побрзо да поминуваме на граница, нема да има редица на граница од 3-5 часа, некогаш по цел ден“, дополнува друг.
Според анализите Македонија и Србија меѓусебно најмногу соработуваат во размена на прехранбени и земјоделски производи, лекови и градежен материјал.
Иницијативата за „Отворен Балкан“ во 2019 година ја поведоа српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија Еди Рама и Зоран Заев, со цел слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, според моделот на ЕУ.
Елена Георгиевска
