Истанбул

Завршија преговорите меѓу Украина и Русија, Москва вети намалување на воените активности

29.03.2022 16:25

Руските и украинските преговарачи ги продолжија директните разговори во Истанбул. Москва вети значително намалување на воените активности во Киев и Чернихив. Украина ќе се согласи на неутрален статус ако оживее системот на безбедносни гаранции.

Во Истанбул завршија преговорите меѓу делегациите на Украина и на Русија. Велика Британија, Кина, САД, Турција, Франција, Канада, Италија, Полска и Израел по преговорите можат да станат гаранти на безбедноста на Украина. Ќе дејствуваат како дел од меѓународен договор и ќе можат да го затворат небото на барање на Украина. Русија презема два чекора за деескалација на конфликтот против Украина. Драстично ќе ги намали воените активности во областите на Киев и Чернихив.

„Бевме конструктивни. Добивме предлози од Украина да ја разгледаме нивната јасно искажана позиција за вклучување во договоротПредлозите ќе бидат разгледани во блиска иднина и ќе бидат известени до претседателот“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација за преговорите со Украина.

Неговиот колега од украинската делегација рече дека неутралниот статус на Украина ќе значи дека во земјата нема да има странски воени бази.

„Нашата прва победа е префрлање на преговорите од Белорусија во ТурцијаЈа гледаме Турција како една од безбедносните гаранции за Украина“, нагласи Дејвид Арахамија, шеф на украинската делегација.

Според рускиот преговарач средба Зеленски-Путин е можна во исто време со парафирањето на договорот меѓу Русија и Украина на ниво на МНР. Турција, која посредува во преговорите, гледа вредно пријателство и со двете земји.

„Прекинот на огнот ќе биде во корист на сите. Влеговме во период кога мора да постигнеме конкретни резултати. Со оглед на фазата до која стигнавме, членовите на овие делегации презедоа историска одговорност. Целиот свет очекува добри вести“, нагласи претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.

На терен воените операции продолжуваат. Планирани нови три хуманитарни коридори. Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу рече дека Москва соодветно ќе одговори ако НАТО и достави на Украина воени авиони и системи за противвоздушна одбрана.

Марина Ристова