Воен конфликт

Дијалогот и војната продолжуваат

30.03.2022 10:13

Украина и западните земји скептични околу ветувањата на Русија за намалување на воената операција околу Киев. Медиумите веќе известуваат за нови напади кај престолнината. Обединетите Нации предупредија – војната во Украина ја зголемува цената на храната..

Украинските медиуми известуваат за повеќекратни експлозии во Киев, ден откако Русија вети дека ќе ги намали воените операции околу главниот град. Претседателот Зеленски предупреди – нема да ги намалиме одбранбените напори, западот да ги заостри санкциите за Москва.

„Сигналите од преговорите се позитивни, но тие не ги запреа експлозиите на руските гранати. Ги гледаме сите ризици. Но се разбира дека не гледаме основа за да им веруваме на зборовите што ги кажуваат претставниците на земјата која продолжува да нè напаѓа за да нè уништи“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Скептицизам за ветувањата на Русија и во Пентагон.

„Дали руските единици се повлекоа од Киев во последниот период? Да, мал дел. Но веруваме дека ова е само репозициниорање, а не вистинско повлекување, и сите треба да сме подготвени за голема офанзива во други делови од Украина. Не значи дека Киев не е во опасност“, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Обединетите Нации предупредија – војната во Украина ја зголемува цената на храната.

„Војната во Украина ќе има глобално влијание поголемо од сè што видовме во Втората светска војна и ќе ѝ наштети на светската безбедност на храната бидејќи многу украински земјоделци наместо да произведуваат големи количества пченица сега се борат со Русија“, изјави директор на Светската програма за храна при ОН Дејвид Бизли.

Во Украина пристигна генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси. Заедно со владата на Киев ќе одржи состанок за безбедноста на нуклеарните објекти во земјата.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во прва посета на Кина од почетокот на војната. Учествува на два состанока за помош на Авганистан каде што вредноста на минералните богатства се проценува на милијарди долари. Пекинг одбива да ја осуди инвазијата.

Маја С. Филдишев