Воен конфликт

Скептицизам за ветувањата на Русија

30.03.2022 12:43

Украина и западните земји скептични околу ветувањата на Русија за намалување на воената операција околу Киев. Медиумите веќе известуваат за нови напади кај престолнината. Обединетите Нации предупредија – војната во Украина ја зголемува цената на храната.

Украинските медиуми известуваат за повеќекратни експлозии во Киев, ден откако Русија вети дека ќе ги намали воените операции околу главниот град. Претседателот Зеленски предупреди – нема да ги намалиме одбранбените напори, западот да ги заостри санкциите за Москва.

„Сигналите од преговорите се позитивни, но тие не ги запреа експлозиите на руските гранати. Ги гледаме сите ризици. Но се разбира дека не гледаме основа за да им веруваме на зборовите што ги кажуваат претставниците на земјата која продолжува да нè напаѓа за да нè уништи“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Скептицизам за ветувањата на Русија и во Пентагон. Според британското министерство за одбрана, трупите се реорганизираат и доопремуваат во Белорусија.

„Дали руските единици се повлекоа од Киев во последниот период? Да, мал дел. Но веруваме дека ова е само репозициниорање, а не вистинско повлекување, и сите треба да сме подготвени за голема офанзива во други делови од Украина. Не значи дека Киев не е во опасност“, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во прва посета на Кина од почетокот на војната. Двете страни договорија да се проширува соработката околу глобалните прашања.

„Минуваме низ сериозна фаза во историјата на меѓународните односи. Убеден сум дека ситуацијата ќе стане појасна. Заедно со вас и другите истомисленици, ќе се придвижиме кон мултиполарен, праведен и демократски светски поредок“, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

Пекинг е против санкции за Москва, одбива да ја осуди воената операција и инсистира на нормална економска и трговска размена со Русија. За први април е најавен виртуелен самит Кина-ЕУ.

Европската комисија предложи создавање специјални трговски коридори меѓу Полска и Украина. Обединетите Нации предупредија – војната во Украина ја зголемува цената на храната.

Војната во Украина ќе има глобално влијание поголемо од сè што видовме во Втората светска војна и ќе ѝ наштети на светската безбедност на храната бидејќи многу украински земјоделци наместо да произведуваат големи количества пченица сега се борат со Русија“, изјави Дејвид Бизли директор на Светската програма за храна при ОН (ВФП).

Во меѓувреме, во Украина пристигна генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси. Заедно со владата на Киев ќе одржи состанок за безбедноста на нуклеарните објекти во земјата.

Маја С. Филдишев