Здравство

Комисијата за заразни болести препорача да се укинат маските и за средношколците

30.03.2022 15:28

Комисијата за заразни болести предлага и средношколците да посетуваат настава без маски. Исто така се предлага и враќање на училишните екскурзии, коишто со појавата на ковид пандемијата беа укинати...

Да се укине задолжително носење маски во средните училишта и да се овозможи организирање екскурзии за основците и учениците од средно. Ова се најновите препораки на Комисијата за заразни болести. Оттаму велат дека епидемиолошката состојба се подобрува, трендот е позитивен и се намалува трансмисијата на вирусот, а намален е и бројот хоспитализации.

„Често пати ги пренесуваме тие пораки и преку медиумите, дека треба да се подигне процентот на вакцинација за да можеме оваа транзиција од еве едно вакво општество во коешто живееме со многу рестриктивни мерки да преминеме кон малку послободно општество. Да се вратиме на онаа нормала од 2019-та годинина. Се работи на нови идеи за тоа како да се стимулираат граѓаните да можат што поактивно да размислуваат за да се имунизираат, не само со бустер дозата туку и со прва и со втора доза, односно да имаме целосна вакцинација на населението“, изјави Злате Мехмедовиќ – портпарол на Комисијата за заразни болести.

За укинување на останатите мерки кои се сè уште во сила, од Комисијата за заразни болести велат дека наредната недека ќе има нова седница на којашто ќе се разгледува тоа прашање. Доколку состојбата остане добра, не се исклучува и укинување на маските на факултетите, како и олабување на мерките за влез во земјава.

Во моментов бројот на активни случаи е под 2.000. Најмногу од нив се од главниот град.

Ана Јосифоска Тодоровска