За 50% зголемена цената на градскиот превоз во Битола
На денешната седница на општинскиот совет, мнозинството даде зелено светло на барањето на превозниците во градскиот сообраќај, дневните и месечните билети да ги поскапат за 50 отсто, а линиските дестинации до селата да имаат повисока цена за 15 денари во еден правец. Предлогот на опозицијата разликата во цена да ја субвенционира општината за неколку месеци беше отфрлен од локалната власт…

Не за долго по поскапувањето на такси-превозот нови цени и во градскиот превоз. Со новата одлука на општинското мнозинство, дневниот и месечниот билет е поскап за 50 отсто, односно возењето во еден правец ќе чини 30 денари, а месечната претплата 1.200 денари. За 15 денари поскапеа и линиите до селските населби. Граѓаните велат-ова е само уште едно дополнително финансиско оптоварување на сè потенкиот домашен буџет.
Советниците од редовите на локалната власт велат дека непопуларната мерка доби зелено светло по второто барање на автопревозниците поради актуелните цени на нафтените деривати. Опозициските со предлог да се преземат мерки кои ќе ги задоволат потребите и на автопревозниците и на граѓаните.
Додека локалната власт ветува дека ќе следува промена на цената доколку има намалување на нафтените берзански цени од опозицијата финансискиот недомаќинлук го поткрепуваат и со 12 партиски вработувања за краток период. Денес единствени беа само во одлуката во вторниците и петоците пензионерите да можат бесплатно да се возат.
Стевче Митревски
