Политика

Партиите со реакции за пописот

30.03.2022 16:37

Според СДСМ, имавме успешен процес што претставува голем успех за државата. ВМРО-ДПМНЕ со оценка дека пребројувањето било операција со многу политика што отвора сомнеж, но според нив, пописот покажал алармантни и поразителни бројки во делот на иселувањето. Лидерот на ДУИ, Ахмети коментира - сега имаме појасна слика. За Левица, пописот е фингиран...

По објавените резултати од пописот, се огласија политичките партии. Од СДСМ велат – процесот беше успешен и претставува голем успех за граѓаните и за државата. Според владејачката партија, очекувано било да има реакции.

„За прв пат имаме комбиниран попис којшто се спроведе во ек на пандемија со сите заштитни протоколи и исклучително успешен кога 99 % ќе бидат попишани тоа е резултат со којшто не можат да се пофалат ни многу развиени европски држави“, изјави Снежана Калеска Ванчева од СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат - пописот покажа алармантни бројки кои што се поразителни за сите општини и за целата држава, особено со тоа што имаме преголемо иселување. „Пописот власта сака да го покаже како успех, но иселувањето покажува дека истиот е неуспех, а бројката од 7,2% неизјаснети покажува дека е некомплетен“, рече Милошоски.

„За првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7,2% или повеќе од 132.000 за кои што ДЗС и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на држава“, изјави Милошоски.

„Левица“ ги оспорува резултатите и начинот на кој беа соопштени податоците во присуство на дипломатскиот кор, оценувајќи го тоа како „обид да се бара легитимитет кај странскиот фактор“.

„Овој процес не беше ништо освен една политичка операција изведена под палката на ДУИ, а одобрена од СДСМ. Имавме многу говори и гостувања по емисии каде образложувавме зошто е проблематичен Законот за попис“, изјави Борисклав Крмов, пратеник на Левица.

Алијанса за Албанците ги разгледува резултатите, но велат имаат резерва за веродостојноста на пописот.

Пописот даде појасна слика за бројот на жители во земјава: Албанците се 29,5% од вкупното население и 24,3% од резидентното население, коментира лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

 

Игор Панов