Ставрески ги претстави економските мерки од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ

06.04.2014 16:40

Поволни кредити за компаниите, зголемување на платите во јавниот сектор за 5 проценти секоја година и дополнителна финансиска поддршка за земјоделците, за која од партијата велат дека ќе биде историски највисока досега...

Еднократен отпис на долговите за струја, парно, РДТ, долгови кон банките. Мерка неменета за корисниците на социјална помош, луѓе кои повеќе од една година активно бараат работа, лица кои поради семејна несреќа се доведени во состојба да не можат да си ги сервисираат обврските. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека проектот ќе го спроведе од  септември годинава.

„Неплатени сметки за електрична енергија кој се предмет на тужба и не се платени повеќе од 12 месеци. Сите тие во целост ќе се отпишуваат. Сметките кои не се платени во период помалку од една година, разговаравме со ЕВН и имаме начелна согласност да се даде репрограмирање на подолг период, од 6 до 8 години, за отплата на овие долгови“, изјави Зоран Ставрески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Поволни кредити за компаниите, зголемување на платите во јавниот сектор за 5 проценти секоја година и дополнителна финансиска поддршка за земјоделците, за која од партијата велат дека ќе биде историски највисока досега.

„Секоја година, 150 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на земјоделството и руралниот развој, или вкупно 600 милиони евра за четири години, ВМРО – ДПМНЕ ќе обезбеди и ќе им исплати на земјоделците“, изјави Ставрески.

Со намалување на ДДВ на 5 % за набавка на училиштен прибор и за бебешки производи, како и на каматните стапки во проектот „Купи куќа, купи стан“– партијата ќе ги помага младите семејства. Ставрески вели - ова е најдобрата и најобемната програма направена досега.

Мартин Пушевски