Во четвртиот квартал лани бруто надворешниот долг намален за 3,3 отсто
Бруто надворешниот долг во последното ланско тримесечје бележи квартално намалување од 323 милиони евра, односно 3,3 отсто, додека нето надворешниот долг бележи раст од 299 милиони евра односно 9 проценти...

Бруто надворешниот долг во последното ланско тримесечје бележи квартално намалување од 323 милиони евра, односно 3,3 отсто, додека нето надворешниот долг бележи раст од 299 милиони евра односно 9 проценти, покажуваат редовните статистички податоци на Народната банка за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска програма.
На крајот на четвртиот квартал од 2021 година, бруто надворешниот долг изнесува 9.547 милиони евра (или 81,4 отсто од проценетиот БДП) и бележи квартално намалување од 323 милиони евра (или за 3,3 проценти). Бруто надворешните побарувања изнесуваат 5.909 милиони евра (или 50,4 отсто од проценетиот БДП) и остварија квартално намалување од 622 милиона евра (или за 9,5 проценти), се наведува во извештајот.
Народната банка посочува и дека нето надворешниот долг изнесува 3.638 милиони евра (или 31 отсто од проценетиот БДП) и е зголемен за 299 милиони евра или за 9 проценти. Од аспект на структурата и понатаму поголемо учество во вкупниот нето-долг има приватниот нето-долг со 59 проценти, посочуваат од Банката.
Во текот на четвртиот квартал од 2021 година негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 176 милиони евра и изнесува 7.308 милиони евра, што претставува 62,3 отсто од проценетиот БДП за 2021 година.
