Потребен е современ, ефикасен и независен судски систем
Денес сме исправени пред предизвикот за градење современ, ефикасен, непристрастен и независен судски систем, со доверба на јавноста. Судиите да се професионални и непристрасни и да ги гарантираат човековите права. Испратени пораки на денот на правосудството во земјава. Надлежните ветија спроведување на реформи.

Градење современ, ефикасен и независен судски систем, со доверба на јавноста. Судиите да се водат исклучиво на почитување на човековите права, да се професионални, непристрасни. Претставниците на судскиот сектор најавија спроведување на реформите.
„Дали работевме доволно и во вистинска насока? Очигледно не. Веројатно диверзитетот на одговорите од оваа конференција ќе придонесат кон креирање унифициран став и препознатлива стратегија, проследена со многу труд“, изјави Џемали Саити.
„Судиите мора да промовираат високи стандарди на судско однесување, со цел да се зајакне јавната доверба во судството која претставува фундамент за зачувување на судската независност“, изјави министерот за правда Никола Тупанчески.
„Законодавната и извршната власт треба да го обезбедуваат и почитуваат авторитетот на судската власт да создаваат услови за успешно функционирање на судовите, бидејќи судската власт ги разрешува судирите кои се јавуваат во сите сфери на општествениот живот“, изјави претседателот на Врховниот суд Беса Адеми.
Со реформите ќе имате посилна улога во општеството за правично и транспарентно судство. Што се однесува до стратегијата 2017-2022, се покренуваат прашања дали сме успеале со судските реформи, дали се доволни постоечките механизми, прашаа претставниците од меѓународниот фактор.
„Стратегискиот закон за судските реформи треба да се спроведе и да се примени во пракса. Само тогаш ќе знаеме дали некои механизми или решенија се применливи во вашиот судски систем или треба да почнеме со поинаков пристап“, изјави шефот на мисијата на ОБСЕ Клеменс Која.
„Најважно е во демократијата граѓаните да веруваат во институциите. Да веруваат во судскиот систем. Оваа улога морате да ја заштитувате со достоинство и интегритет. Ова не е никогаш толку лесно. Ако имате корупција кај надлежните, отстранете ги од позициите. Ако имате бавна реализација на правдата, бидете поефикасни“, изјави холандскиот амбасадор Дирк Јан Кооп.
Во иднина акцент ќе биде ставен за клучните прашања од важноста за судската професија, развојните политики и заштита на професионалниот дигнитет на судиите уверуваат надлежните. Ветија транспарентност за стекнување доверба.
Наташа Г. Петрушевска
