Македонија- Бугарија

Мешовитата историска комисија со напредок во работата

31.03.2022 15:21

Денес во Скопје по 18-ти пат состанок на Мешовитата историска комисија. На маса забелешките од Софија за средновековниот период. Во Софија, пак, средба на еврокомесарот Вархеји со бугарскиот премиер Петков. Побарано интензивирање на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија за поскорешно решавање на билатералниот спор. Во Бугарија се и работните групи за прекугранична соработка на општините…

На дводневниот состанок во Скопје, Мешовитата историска комисија ги разгледува забелешките од бугарската страна за средновековниот период во македонските учебници по историја за седмо одделение. Претходно во Софија беа разгледани и македонските забелешки за бугарските учебници за 6-то одделение. Шефот на македонскиот дел од комисијата Драги Ѓоргиев најави дека доколку продолжи позитивната атмосфера може да се постигне договор за средниот век. Потоа може да се почне и дебата за евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев. Напредокот во работата на комисијата ја најави и бугарскиот Премиер Петков, според кој комисијата е блиску до постигнување решение.

„Очекувам заедничката историска комисија многу брзо да излезе со резултати, колку што сум запознаен напредокот е огромен. Драго ми е што кога има дух од двете страни за заедничка работа, се постигнува успех“, изјави бугарскиот премиер, Кирил Петков.

Петков смета дека треба да се исполнат неколку клучни работи за деблокирање на македонската интеграција. Во преговарачката рамка да влезе вклучување на бугарите во македонскиот Устав, дали ЕУ ќе сака да биде гарант за ова, потоа усвојување на механизам против јазикот на омраза и отворањето на архивите.

Важноста за продолжување на евроинтеграцијата на Западниот Балкан како втора критична точка по украинската криза, била во фокусот на средбата на еврокомесарот за проширување Вархеји со бугарскиот премиер во Софија. Вархеји објави дека разговарале за европската перспектива на Западниот Балкан, што мора да биде заеднички приоритет. По средбата Петков објави дека ги бранел позициите на Бугарија и за првпат имало сериозна поддршка во ЕУ за новиот пристап кон Скопје.

Бугарскиот премиер учествуваше и на состанокот на работната група за инфраструктура во Сандански со македонскиот министер за локална самоуправа Милевски и десетина македонски и бугарски градоначалници од пограничните места. Целта на овој состанок е развој на прекуграничната соработка финансирана од европските фондови.

Ирина Гелевска