Економија

Кризата влијае на економијата, но отвора можности за нови инвестиции

31.03.2022 15:48

Трговската размена меѓу Македонија и Германија пораснала за 23,6 проценти. Кризата влијае на економијата, но отвора можности за нови инвестиции и вработувања, дел од постојните капацитети го прошируваат производството, велат од Македонско-германската комора. Партнерски создаваме услови за нови работни места, изјави премиерот Ковачевски…

Кризата и војната во Украина ги принудија глобалните компании да бараат нови пазари каде што може да го префрлат своето производство, а тоа е добра можност која Македонија треба да ја искористи, вели првиот човек на Германската стопанска комора во земјава, Патрик Мартенс. И новиот закон за добавувачи во Германија, кој стартува од наредната година, е одлична шанса за македонските компании од текстилната индустрија за нови договори и бизнис зделки, вели Мартенс.

„Компаниите од текстилната индустрија можат да добијат одлична шанса. Се планира префрлување на производството од југоисточна Азија поблиску во Европа. Така да компаниите што работат во оваа дејност во земјава можат да добијат многу нови налози и многу нови нарачки“, изјави Патрик Мартенс, директор на Германската стопанска комора во Македонија.

Сепак кризата за некого е шанса за инвестиции, но за други е губење на работата. Германските компании кои работат во земјава во делот на автомобилската индустрија минатиот месец имаат пад на извозот за 20 насто, бидејќи тие произведуваат автоделови за компании во Германија кои го стопираа своето производство. Мартенс најави и две нови германски инвестиции во услужната дејност кои ќе отворат добро платени работни места.

„Покрај Вебхелп тука е и Мажорел, ова се две нови компании, две нови инвестиции во нашата држава коишто се од услужната дејност и корисничкото искуство, кол центри. Овие компании се големи интернационални работодавци и работат со клиенти на пазарите во Европа и во Америка. Ќе обезбедат и ќе отворат голем број работни места во земјата и тоа добро платени работни места“, нагласи Мартенс.

Од Владата со порака дека странските инвестиции се важни за економскиот развој на земјава, а германските и европските се клучни за нов економски исчекор.

„Во Европа можат да се произведуваат многу работи, а тоа значи и заштеда на трошоци. Северна Македонија тоа ќе го искористи и затоа правиме амбиент за нови инвестиции. Ние сме членка на НАТО, нашата позиција е и членство во ЕУ, за инвеститорите да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент, впрочем тоа е нашата предност и во однос на некои земји од регионот“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Германија е најважен странски пазар за македонските извозници. Само лани извозот достигнал 4, 7 милијарди евра и бил зголемен за 23, 6% во однос на годината пред тоа.

Свето Николовски