Попис

Куманово- најголема општина по бројот на жители

31.03.2022 16:29

Според бројот на жители, по реализираниот попис, Куманово е најголема општина во земјава. Во оваа општина живеат над 98.000 жители. Загрижува што во споредба со пописот од 2002 година, е забележано намалување од над 7.000 жители...

Куманово останува најголема општина во земјава, покажаа податоците по спроведениот попис на Државниот завод за статистика. По анализата во оваа општина живеат 98.104 жители. Од вкупниот број како Македонци се изјасниле 55,8 отсто, потоа следат Албанци 25,99 отсто, Срби 6,52 отсто, Роми 2,85, Турци  0,15, Власи 0,12 отсто, Бошњаци 0,04 отсто и 0,71 отсто припадници на други етнички заедници. На подрачјето на Куманово има 30.450 домаќинства и 38.147 станови.

Според анализите на пописот во Куманово живеат повеќе жени, односно мажите се помалку за 494 лица.

Споредено со податоците од последниот попис во 2002 година, согласно новите анализи во Куманово се регистрирани 7.380 жители помалку, односно тогаш општината била дом за 105.484 жители.

Кумановци за македонската телевизија посочуваат дека го искористиле правото на попишување. Но велат загрижува бројот на лицата коишто си заминаа од земјава.

„Отселени се во западните земји по работа, друга не би требало да биде, но можно е и наталитетот да се намалува кај нашите жители“, вели еден кумановец.

„Имам многу роднини децата заминаа само ние возрасните останавме, дали ќе се вратат или не е тешко да се каже“,дополнува друг граѓанин.

„Селата се празни горе, јас сум таму“, нагласува трет.

И руралните општини од североистокот бележат помалку население во споредба со пописот од пред 20 години. Според последното пребројување во Липково живеат 22.308 жители, додека бројката во 2002 година била 27.058. Иста е и состојбата со Старо Нагоричане, каде е регистирано 27 отсто помалку население.

 

Елена Георгиевска