Македонија се празни, потребна е стратегија за да се спречи миграцијата
Одливот на млади мозоци, намалениот наталитет, како и иселувањето на цели семејства, ги испразни дел од руралните места во западна Македонија, а демографската слика не е подобра и во градовите. Мора да се направи стратегија за регионален развој, за да не ни се испразнат селата, а истовремено да се работи на подобрување на економската клима, која е главната причина за напуштањето на земјата, а со тоа и стареењето на населението, посочуваат експертите, кои ги консултираше МТВ…

Демографски егзодус во западна Македонија изминативе две децении. Ако продолжи ваквиот тренд, дел од руралните општини ќе останат и без население. Последниот попис покажува дека во општините Маврово – Ростуште и Центар Жупа има 40% помалку население, споредувајќи ги бројките со пописот од 2002 година. За 30% е намалено населението во Дебарца, а 20% помалку жители има во општините Врапчиште и Теарце.
Долгата транзиција, невработеноста особено на младите кои масовно си заминуваат од земјата е главната причина поради која се празни државата, вели универзитетскиот професор по социологија, Али Пајазити.
Дополнително расте бројот на тие кои одбиваат да склучат брак, а традиционалните повеќедетни семејства се сè помалку.
Професорката Беса Арифи, вели дека спроведениот попис е за поздравување, но веднаш треба да се започне со градење на политики за да се спречи миграцијата, особено од руралните места. Таму младите не гледаат перспектива и се иселуваат, или во странство, или во поголемите градови.
Не треба да се гледа на пописот само од етничка гледна точка, поголемо внимание да обрнеме на намалувањето, а со тоа и на стареењето на популацијата, додава Арифи.
Нејзиниот колега Пајазити вели дека нашиот развој не треба да зависи од некакви етнички бројки. Треба да се размислува и делува надетнички, каде човекот е индивидуа, само така можеме да се спасиме од политизираното општество.
Зоран Димовски
