Работнички го стигна Пелистер
Пелистер загуби во Тетово, Работнички победи во Кичево, па битолскиот тим сега не е осамен на водечките позиции во Првата македонска фудбалска лига. Во денешните натпревари од 26-то коло Турново се радуваше во Ѓорче Петров, а цел плен освои и Металург, па во трката за титулата на дистанца од три бода се дури пет екипи...

На стадионот под Шара, прва домашна победа во меѓусебните сезонски дуели на Ренова и на Пелистер. Тетовскиот тим триумфираше со 2-0 во натпреварот во којшто битолскиот состав беше задоволен и со бод. По тактичката битка во првиот час, головите паднаа во завршните триесетина минути. Најпрво Реџепи во 65-тата минута го искористи лошото покривање на Брдаровски за 1-0. Пелистер израмни со деветтиот сезонски погодок на првиот стрелец на екипата Воденичаров во 79-тата минута, но Ренова ја врати предноста преку резервистот Асани, кој во првата акција откако влезе на теренот биеше прецизно за 2-1. Две грешки на Пелистер во одбраната придонесоа за петтиот пораз во шампионатот, а по него „зелените“ му дозволија на Работнички да ги стигне на табелата. „Дебармаалци“ беа сигурни во Кичево кај отпишаниот Напредок со 2-0. Стрелаа Илијоски и Тодоровски, па скопскиот тим сега има 47 бода, исто колку и Пелистер.
Значајни победи во трката за тронот остварија и Турново и Металург. Турновци освоија три бода во Ѓорче Петров совладувајќи ја Македонија со 2-1. Ташев и Чурлинов погодија во второто полувреме, во коешто за „лавовите“ прецизен беше Адем од пенал.
На „Железарница“, со голот на Вујовиќ уште во 16-тата минута, Металург го победи Еуромилк со 1-0 и со 44 бода е на негатива од три во однос на водечките екипи.
Прва лига – фудбал, 26.коло
Ренова – Пелистер 2-1
Напредок – Работнички 0-2
Македонија ЃП – Турново 1-2
Металург – Еуромилк 1-0
Вчера:
Шкендија – Брегалница 0-2
Гостивар – Вардар 0-2
Табела:
1.Работнички 47
2.Пелистер 47
3.Вардар 45
4.Турново 44
5.Металург 44
6.Ренова 36
7.Шкендија 36
8.Брегалница 36
9.Еуромилк 32
10.Македонија ЃП 23
11.Напредок 14
12.Гостивар 14
