Зголемен број шумски пожари во кумановскиот регион
Во североистокот зачестија пожарите на отворен простор, невообичаено за зимскиот период. Палењето на стрништата е казниво со закон. Од противпожарните единици велат не помагаат апелите од институциите...

Зачестија пожарите на отворено во североистокот. Пожарникарите изминативе месеци регистрираат интервенции на сува трева и нискостеблеста шума во кумановско и Липково. Изгоре и 20-ина хектари борова шума во село Стрезовце во Старо Нагоричане. Противпожарната единица во Куманово бележи вкупно 95 пожари, што е за десет повеќе во однос на истиот период лани.
Бројката на пожари на отворен простор приближно е иста како лани. Минатата година, во првите три месеци имавме 26, годинава имаме 29 пожари. Се согласувам дека пожарите на отворен простор, за шумите конкретно минатата година немавме толку, оваа година не знам од кои причини имаме зголемен број на пожари особено во липковскиот регион вели командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Палењето на стрништата е казниво со закон, но надлежните велат не помагаат апелите од институциите.
Не е за очекување во зимски услови да бележиме толкав број на интервенции на отворен простор. Причините неблагодарно е да се калкулира и шпекулира, меѓутоа од искуство кажувам дека во 90 проценти од случаите е човечки фактор и намерно палење на отворен простор-дополни командирот.
Од друга страна пак кумановската противпожарна единица бележи помал број на пожари на оџаци во март, во однос на првите два месеци од годината.
Елена Георгиевска
