Бугарија - Македонија

Бугарија отпочна истрага за шпиoнажа во корист за Русија

01.04.2022 12:36

Во Бугарија отпочната истрага за шпионажа во корист на Русија. Опфатени се тројца. Но, засега нема докази дека целта била поткопување на односите меѓу Скопје и Софија, како што претходно соопшти премиерот Петков...

Бугарското специјализираното обвинителство води истрага за шпионажа во корист на Русија за три лица, двајца од националната служба за безбедност и еден вработен во министерство. Според истражителите, лицата најверојатно информациите ги давале на лице од Руската Федерација, а не на дипломати. Преносот бил индиректен, преку користење на онлајн платформи. Нема докази дека шпионажата била насочена против подобрување на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, изјави обвинителката Маџарова.

„Шпионажата е извршена во корист на Руската федерација. Ова е кривично дело против републиката. Овој вид криминал најчесто се врши во доверливост и е таен, така што во оваа фаза не можеме да откриеме многу детали“, изјави раководителката на специјализираното обвинителство Валентина Маџарова.

Засега нема приведени. Од обвинителство очекуваат безбедносната служба да преземе дисциплински мерки и да ги отпушти двајцата вработени.

„Под истрага се три лица. Двете лица се вработени во националната агенција ДАНС на средно раководно ниво и еден вработен во министерство, различно од Министерството за внатрешни работи“, велат од специјалното јавно обвинителство.

Претходно премиерот Петков соопшти дека руски агенти во Бугарија, работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија и дека еден од фокусите им бил да нема европска иднина за Западен Балкан. Според бугарскиот претседател Радев, во националната агенција за безбедност активно се работело да се спречи пробив на некакви шпионски активности. Ова е втор ваков скандал за еден месец во Бугарија. На втори март, бугарското контраразузнавање откри генерал во резерва, кој шпионирал за Кремљ. Како одговор, бугарските власти протераа двајца руски дипломати.

Милчо Велески