МПЦ се сомнева во пописните резултати за „религиска припадност“
Од МПЦ велат дека применетата методологија не разликува припадност на религија, на вероисповед и на црква или верска заедница и група...

Со став за пописот и Македонската Православна Црква. Светиот Архијерејски Синод се сомнева во статистичката прецизност во делот за религиозната припадност, каде според црквата, има сериозна статистичка грешка која опфаќа 13,4 отсто од населението. Од МПЦ велат дека применетата методологија не разликува припадност на религија, на вероисповед и на црква или верска заедница и група.
„Ова ги прави презентираните резултати конфузни, а со тоа и неточни, затоа што очигледно не ја одразуваат реалната состојба на верска припадност во земјата. Постои проблем не само во методологијата, туку можеби и некои од попишувачите недоволно ги упатувале граѓаните во можностите за изјаснување“, смета црквата, која има забелешки и за непопишувањето на православните Македонци по светот. Во резултатите од пописот, над 13 проценти беа издвоени само како христијани.
