Енергетска криза

За амортизирање на ценовниот шок со струјата потрошени 171 милион евра

01.04.2022 14:44

За субвенционирање на дел од трошоците за производство на струја и на топлинска енергија државата на ЕСМ досега му префрлила 171 милион евра, а за возврат државните електрани на ЕВН Хоум испорачуваат струја по цена од 41 евро за мегават час. Вчера завршиле договорите за испорака на струја со ТЕ-ТО и со ТЕЦ Неготино. Од денеска домашните потреби од електрична енергија целосно ќе ги покрива АД-ЕСМ.

Од прогласувањето на енергетската кризна состојба пред 5,5 месеци ЕСМ целосно ги покрива потребите на ЕВН Хоум за домаќинствата и малите потрошувачи,како и загубите на Дистрибуција и на МЕПСО и испорачува струја по цена од само 41 евро за мегаватчас, а за возврат државата со171 милион евра ги покрива зголемените трошоци и минусот на компанијата. Доколку ЕСМ би работела пазарно лани би инкасирала 120 милиони евра ,а годинава 193 милиони,изјави првиот човек на државните електрани Васко Ковачевски.Од 1 април ЕСМ целосно самостојно ги покрива преземените обврски, затоа што завршија договорите за времено ангажирање на ТЕЦ-Неготино и за преземање струја од приватната гасна електрана ТЕ-ТО. Дел од потребите во одредени месеци биле покривани и со увоз на електрична енергија.   

„Поради хаваријата на третиот блок во РЕК-Битола и поради проблеми со мазутот во зимските месеци во ноември 2021 за набавената струја се платени 23 милиони евра, во декември 6 милиони,во јануари 3 , а во февруари 1,7милиони евра или вкупно 34 милиони евра за увоз на струја “, изјави Васко Ковачевски –генерален директор на АД-ЕСМ-Скопје.

Со одлука на Владата ЕСМ времено го презеде и управувањето на БЕГ и на Скопје север,за што од буџетот биле префрлени 5,8 милиони евра,а топлинската енергија со договор се презема од ТЕ-ТО. Оваа компанија за испорачаната струја од ЕСМ добила 65 милиони евра по цена далеку пониска од берзанската.Министерот за економија Бектеши го оцени за успешно работењето на ЕСМ во кризниот период со што државата  заштедила 31 милион евра. Што се однесува до одлуката на Русија природниот гас да се плаќа во иднина со рубљи, Бектеши појасни дека Народна банка се уште ги чека насоките од Европската централна банка,а договорите на набавка ги прават компаниите ,,Макпетрол“ и ,,ТЕ-ТО трговија“. Ресорниот министер најави промени на тарифниот модел со кои оние домаќинства што трошат повеќе ќе плаќаат и повисока цена за повлечената енергија,односно ќе има различна цена за секој блок на потрошувачка.

„Замене е нелогично и несфатливо да 20 корисници на електрична енергија, значи 20 домаќинства несоодветно да трошат 10% од целокупната дневна потрошувачка и затоа ќе се воведат блок тарифи од 1 јули со кои ќе има различни цени за сите потрошувачи“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Денеска се огласи и Државниот завод за ревизија. При контрола на работењето во периодот 2011- 2020-та бил утврден значителен износ на финансиски средства што според ревизорите се инвестирале во проекти што не се завршени и опрема која не е ставена во функција. Меѓудругото модернизацијата на првиот блок на РЕК-Битола не била реализирана со што биле предизвикани непродуктивни расходи од околу 21 милион евра од што половина се адвокатски трошоци за загубена арбитражна постапка.Ревизорите утврдиле и неусогласеност при пописот на мазут при што била утврдена разлика од околу милион евра.

Свето Николовски