Социјала

Тренчевска на средба со родителите на децата со попреченост кои најавуваат протести

01.04.2022 15:47

Како што соопштија од МТСП, министерката се осврнала на социјалната реформа со која правата и услугите за лицата со попреченост видливо се подобрени.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со родителите на децата со попреченост кој најавуваат протести за да ги слушне нивните барања, а со цел да се разгледаат реалните можности за нивно реализирање.

Како што соопштија од МТСП, министерката се осврнала на социјалната реформа со која правата и услугите за лицата со попреченост видливо се подобрени.

„Правото за попреченост се прошири и за лицата со  интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето плата без разлика на возраста на децата,“ рече Тренчевска.

Таа информираше дека, за првпат во нашата држава, се воведе услугата персонална асистенција за лица со потешка или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица финансирана од Буџетот на МТСП, како и услугата помош и нега во домот за децата и лицата со интелектуална попреченост или стари лица со намалена функционалност.

Министерката потенцираше дека за Владата и Министерството за труд и социјална политика, грижата за ранливите категории граѓани, особено лицата со попреченост е високо на агендата на приоритети. Потврда за тоа е непосредноста и отвореноста за комуникација со цел да се разговара за потребите и предизвиците на лицата со попреченост и нивните семејства, а со цел да се унапредат нивните права. За тоа потврдува и денешната средба, која беше иницирана да се слушнат нивните барања и да се пристапи кон нивно решавање.