Ракомет

Македонските јуниори на Европско, падна и Исланд во Скопје

06.04.2014 23:09

Јуниорската репрезентација на Македонија славеше против Исланд со 21-15 во решавачкиот меч за пласман на идното Европско првенство во Австрија...

И македонските јуниори влегоа во нашата ракометна бајка што се раскажува оваа сезона во Европа. По  Металург и Вардар кои се уникатни четвртфиналисти од еден град во престижната Лига на шампионите и дамите од Вардар СЦБТ кои се дел од најдобрата 4 во Европа, како и кадетите кои претходно обезбедија место на Еврошампионатот, еве ги и нашите надежи до 20 години третпат на собирот на најдобрите европски младинци.

Избраниците на Зоран Петковски го одиграа најтешкиот двобој на турнирот со фаворизираните врсници од Исланд. Тврдо прво полувреме во кое во финишот со серија од 5-1 го разбивме цврстиот ривал. 12-8 беа одлична најава за продолжението во кое на моменти и се поигрувавме со талентите од силната скандинавска школа.

Во фуриозно темпо разликата константно растеше до највисоки 20-11 во 53-таминура кога почна славјето во „Кале“. Максимално фокусирани и агресивни и до крај упорни со нивно оружје успеавме да славиме трета последовна победа за прво место во групата.

Извонреден на голот и третпат беше Филип Ивановски со 14 одбрани, 9 во првото полувреме, а немилосрден во нападот најдобриот стрелец на турнирот Филип Талески кој постигна 11 гола, и застана на просек од точно 9 по натпревар. Нашето ударно три со четири реализации во мрежа го потцрта Мартин Манасков.

На ЕП во Австрија летово ќе промовираме нова талеентирана генерација која треба да биде наследник на онаа најуспешната од пред 12 години кога предводени од Илија Темелковски, голманот  Ристовски, Миркуловски, Кузманоски, М.Стоилов, Арнаудов, Влатко и Никола Тасевски, го загубија малото финале за бронза од репрезентацијата на Југославија.