Вардар загуби од Веспрем, но најавува дека ништо не е готово
Резултатот 22:30 дава малку надежи пред реваншот. Слично како и минатата година, двојниот европски првак беше поразен од истиот тим и со минимални шанси ќе патува во Унгарија.

Ракометарите на Вардар синоќа убедливо поразени од Веспрем во првиот „плеј оф“ натпревар од ЕХФ Лигата на шампионите. Резултатот 22:30 дава малку надежи пред реваншот. Слично како и минатата година, двојниот европски првак беше поразен од истиот тим и со минимални шанси ќе патува во Унгарија. Сепак, тренерот Дејвис и капитенот Стоилов на пресот најавија дека сеуште ништо не е готово.
„Нашата игра резултираше само во првите 15 минути и тоа е доказ дека овие два месеци од кога настанаа промените е тешко да се достигне ниво кое е потребно за вакви натпревари. Вардар ќе продолжи да работи и да напредува, сите ја сфаќаат работата максимално сериозно и се надеваме дека ќе дојдеме до посакуваното ниво. Сакам да кажам дека и во вториот натпревар ќе одиме да ја достигнеме оваа негатива“ – изјави Давид Дејвис, тренер на Вардар 1961.
„Вардар играше добро само во првите 15 минути, потоа имаше голема конфузија во нападот што придонесе за многу грешки и тоа влијаеше за текот на останатиот дел од натпреварот. Веспрем и претходно се сметаше за фаворит и Вардар со ништо не успеа да ги изненади. Но, ова е само прво полувреме и ќе одиме максимално сериозно во вториот меч да ја надоместиме разликата од вечерва“ – изјави Стојанче Стоилов, капитен на Вардар 1961.
Синоќа во истата фаза, Никола Митревски и Порто одиграа нерешено во првиот меч со Монпелје 29:29. Во средата ПСЖ на екс тренерот на Вардар Раул Гонзалес се избори за 30:30 на гостувањето во Елверум, додека Флензбург обезбеди победа 25:21 во пресметката со Сегед. Реванш натпреварите се играат на 6-ти и на 7-ми април.
