Извлечени двојките за полуфиналето на одбојкаркиот куп на Македонија
Најдобрите две екипи во Првата машка лига една против друга и реприза на полуфиналните двојки од првенството кај дамите. Тоа е епилогот на ждрепката за полуфиналните натпревари на завршниот турнир од одбојкарскиот куп на Македонија...

Најдобрите две екипи во Првата машка лига една против друга и реприза на полуфиналните двојки од првенството кај дамите. Тоа е епилогот на ждрепката за полуфиналните натпревари на завршниот турнир од одбојкарскиот куп на Македонија. Во салата „Јасмин“ во Кавадарци, од 8-ми до 10-ти април, најдобрите четири во машка и исто толку во женска конкуренција, ќе се надмудруваат за престижниот пехар. Првиот натпреварувачки ден ќе биде предвиден за полуфиналињата кај одбојкарите. Третопласираниот во лигата, Вардар, ќе игра против ланскиот финалист Универзитет во Тетово, а Шкендија, која го крена пехарот во 2011-та, а годинава е втора во првенството, ќе се сретне со бранителот на двојната круна Струмица 47&72. Најуспешниот тим кај нас во последната деценија се надева на осмиот куп-трофеј во претходните десет изданија од ова натпреварување.
В сабота кај дамите, минатогодишниот победник Јанта волеј Кисела вода ќе сервира против финалистот од 2019-та Наковски волеј, додека, пак, лидерот во лигата и најдбриот во купот пред три години, Работнички Скопје, ќе игра со Струмица жени. За разлика од лани, овој пат на завршниот турнир нема да биде екипата на Вардар жени која не успеа да влезе меѓу четирите најдобри, а кај мажите конкуренцијата е иста.
На трениот ден од настанот во Кавадарци, в недела на 10-ти април, се предвидени финалните натпревари. Сите шест ќе бидат емитувани на програмата на Македонската радиотелевизија.
