Скопје

Ѓорѓиевски: Пожарот во Пржино локализиран, нема човечки жртви

01.04.2022 20:28

Тој упати благодарност до екипите на Противпожарната бригада и Министерството за внатрешни работи кои, како што вели, и покрај отежнатите временски услови беа на висината на задачата и пожарот е локализиран и што е најважно нема човечки жртви, ниту повредени, а нема зафатени ниту други домаќинства наоколу.

Во попладневните часови изби голем пожар во скопската населба Пржино. По добиената информација дека гори објект, веднаш со службите излеговме на терен да им помогнеме на пожарникарите и од тоа што тука го дознавме е дека се работи за објект на старо училиште кое во моментов е во приватна сопственост, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој упати благодарност до екипите на Противпожарната бригада и Министерството за внатрешни работи кои, како што вели, и покрај отежнатите временски услови беа на висината на задачата и пожарот е локализиран и што е најважно нема човечки жртви, ниту повредени, а нема зафатени ниту други домаќинства наоколу.

Градоначалникот, како што соопшти Општина Кисела Вода изрази благодарност и до соседите кои излегоа во пресрет и на располагање ги ставија хидрантите од своите објекти. Тој додаде дека Општината е на располагање да го стави хидрантот од градинка што се наоѓа во непосредна близина на опожарениот објект.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода апелираше до МВР да го истражи случајот, бидејќи како што истакна тој не станува збор за постоечка инсталација која била под напон, туку за човечки фактор. Ако ова се потврди, Ѓорѓиевски рече дека треба да има одговорност.