Се градат ли нелегални објекти во Автокампот „Градиште“?
Членови на здружението „Оревче“ од охридската крајезерска населба Пештани обвинуваат дека се градат објекти од цврста градба во Автокампот „Градиште“. Тие веќе две децении водат судски постапки за да си ги вратат имотите на тој простор според законот за денационализација и посочуваат дека не можат да ги остварат своите права бидејќи моќниците и политичарите влијаат врз судовите. Компанијата која стопанисува со кампот демантира дека има било какви градежни активности...

Жители од населбата Пештани коишто веќе 22 години водат правна битка за да им се вратат имотите во Автокампот „Градиште“ според законот за денационализација обвинуваат дека закупецот на кампот гради објекти од цврста градба во заштитено подрачје. Ги повикуваат градоначалникот на Охрид и премиерот да преземат соодветни мерки посочувајќи дека по нивната пријава еден од општинските градежни инспектори констатирал дека се врши санација на камп приколки додека другиот дека се градат објекти.
„Во моментов продолжува градежната експанзија во Автокампот „Градиште“. На големо секојдневно се носат бетони, железо, цемент, се гради. Имаме и документи дека се градат 25 бесправни објекти од тврда градба. Значи забранета зона за градење на самиот брег од Охридското Езеро на 15-20 метри и на 5 метри“, изјави Ѓорѓи Танески-претседател на Здружението „Оревче“.
Не ни го враќаат имотот и како компензација ни нудат 200 денари за метар квадратен, а пазарната вредност е 8 000 денари, велат пештанци.
„Кој да дојде се нешто ветува, а на крајот нема ништо од тоа. Политиката е замешана во ова“, рече Петре Цаноски-жител на Пештани.
Од компанијата која стопанисува со кампот демантираат дека има било какви градежни активности, туку дека се врши комплетно прочистување на канализацискиот систем и пречистителната станица, а поради енергетската криза се поставуваат сончеви колектори за греење на техничка вода. И овластено лице на Националниот парк „Галичица“ по извршената контрола посочи дека во кампот не се градат објекти.
Сашо Нелоски
