Водоснабдување

Горниот дел на Тетово повторно без вода

02.04.2022 12:10

Од Центарот за јавно здравје, се сомневаат дека еден од изворите од кои градот се снабдува со вода е пренасочен за селото Мала Речица. Од ЈКП Тетово апелираат водата да се штеди. Се надеваат дека со затоплување на времето, состојбата со водоснабдувањето ќе се нормализира...

Ова е секојдневието на Ѓураије Рамадани. По неколку пати се симнува во долниот дел на градот да наполни вода, оти во нејзината населба Колтук, чешмите се суви.

И не само Колтук, сите горни населби на градот особено последниве неколку недели, мака мачат со водоснабдувањето.

„Тука нема вода од кога сме родени. Се изгради и нов водовод, ама бадијала“, се жалат жителите.

„Имаме одредени дојави дека дел од изворите од стариот тетовски водовод се пренасочени за Мала Речица“, велат од Центарот за јавно здравје Тетово. Затоа можеби во овој период, имаме невообичаени мали количини на вода.

Од ЈКП Тетово, велат дека немаат информации за пренасочување на извори од градскиот водовод. Проблемот со недостигот на вода го гледаат во нерационалното користење, како и дотраената градска водоводна мрежа.

Изворите од кои Тетово се снабдува со вода за пиење, моментално имаат издашност од околу 250 литри вода во секунда. Со затоплување на времето и топењето на снегот во периодов што следи, од ЈКП Тетово најавуваат нормализирање на состојбата со водоснабдувањето.

Зоран Димовски