Воен конфликт

Борбите продолжуваат, гранатирани два града во централна Украина

02.04.2022 17:33

Гранатирани два града во централна Украина, САД и сојузниците испраќаат советски тенкови, Кина порача Западот да не ги саботира санкциите кон Русија. Зеленски бара ракети и авиони, има мртви во воздушните напади на Одеса. Повеќе од три илјади луѓе успеале да избегаат од опколениот град Мариупол преку коридорите за бегалци...

„Битката е тешка, но ние одиме кон нови, уште потешки битки. Знаеме дека не сме ги надминале сите пречки, но сите сакаме да победиме и кога тоа ќе се случи, сите ќе го видат тоа. Изјави украинскиот претседател Зеленски во најново видеообраќање.

„Окупаторите се повлекуваат на северот од нашата земја, полека, но забележливо. Некаде се оттурнати со борби, некаде самите ги напуштаат позициите. По нивното повлекување, ситуацијата е катастрофална, а има толку голема опасност. И ова е точно. Прво, воздушните напади може да продолжат. Второ, тие ја минираат целата територија, куќите, опремата, дури и телата на загинатите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Загриженоста на Зеленски е голема, бидејќи „ситуацијата на истокот на земјата останува тешка и Русија се подготвува повторно да ги бомбардира Донбас и Харков. Повторно стави акцент на барањето за авиони за соочување со руската воена сила.

Најмалку 5.000 мртви во Мариупол.

Украинскиот претседател соопшти дека во Мариупол биле убиени најмалку 5.000 луѓе. Околу 170.000 луѓе се соочуваат со недостиг на храна, вода и електрична енергија.

Најмалку 21 лице, меѓу кои и две деца, биле убиени во бомбардирање во градот суми.

„Слушнавме како лета авионот. Излегов и одеднаш видов чад. Бевме во куќата, заспавме. Бевме на 350 метри. Гипсот се распадна. Беше страшно“, рече жител на Суми.

„Дојдов од работа, од ноќна смена. Видов дека и прозорците и вратите се искршени“, рече жител на Суми.

Русија и Украина продолжуваат со преговори во онлајн-формат. Во меѓувреме, отказ добија двајца високи членови на украинската безбедносна служба, за кои претседателот Зеленски рече дека се „предавници“.

Портпаролот на Кремљ Песков рече дека никому не треба да му падне на памет да ја нападне Русија. Истакна дека Русија ќе ги зајакне своите западни граници. Претходно руското министерство за одбрана објави дека два украински хеликоптери ми-24 се одговорни за нападот на магацинот за гориво во рускиот град Белгород. Украинските власти го негираат нападот.

Марина Ристова