Србија утре гласа

Ќе успее ли Александар Вучиќ да освои втор претседателски мандат?

02.04.2022 18:04

Србија утре гласа. Се одржуваат редовни претседателски, вонредните парламентарни и локални избори. Важен момент за политичките и економските предизвици во регионот – оценуваат аналитичарите.

Граѓаните на Србија утре на изборите ќе одлучат дали Александар Вучиќ по втор пат ќе го добие претседателски мандат, со колкав број на претеници ќе влезе опозицијата во Собранието и дали ќе успее да победи во Белград.

За претседателскиот мандат има 8 кандидати, меѓу кои според анкетите најголеми шанси за победа има актуелниот претседател и лидер на СНС Александар Вучиќ, за разлика од кандидатот на опозициската коалиција Обединета Србија, Здравко Понош. Самиот Вучиќ најави дека очекува над 60 отсто од гласовите, сè останато би било неуспех.

Интересно ќе биде гласањето за Собранието, каде во трка се 19 коалиции и листи. По бојкотот на изборите пред две години опозицијата настапува со повеќе изборни листи, од кои за влез во собранието најмногу шанси има коалицијата Обединета Србија на партиите на Драган Ѓилас, Вук Јеремиќ и ДС на Зоран Лутовац. Останатите ќе се борат за изборниот цензус од 3 отсто.

Според анкетите се очекува победа на напредњаците на Вучиќ, влез во собранието и на СПС на Ивица Дачиќ кој настапува одделно на изборите и за кого процентот на гласови е значаен, заради добивање подобри позиции во идната коалиција со Вучиќ, поради што настапува под слоганот Дачиќ-иден премиер на Србија.

Очекувања се дека најнеизвесно ќе биде на изборите за град Белград, каде покрај Александар Шапиќ од владејачката СНС, се и опозиционерот Владета Јанаковиќ и Тома Фила од партијата на Дачиќ, кој јавно кажува дека Македонците за прв пат ќе имаат шанса да имаат Македонец за градоначалник на Белград.

„Сакаме да видиме јасно и гласно каде е СПС. Јас сметам на изборите за град Белград да добијам 7 отсто. Имавме 50.000 гласачи порано, а јас барам сега да бидат 100.000 гласови или како што кажа народот и комунистите, посакај „невозможно за да биде можно“. Што се однесува за парламентарните избори, тука ние сметаме на 10 отсто, ако не и повеќе, а за претседателските избори, тоа ќе се прошета Александар Вучиќ, тоа е толку јасно!“, изјави Тома Фила-Кандидат на СПС на изборите за град Белград.

Утре од07 до 20 часот, 6.501.689 запишани избирачи ќе ја одлучуваат судбината на Србија во наредните четири години, со економските и политичките предизвици кои ќе имаат влијание на целиот регион.

Оливер Бранковиќ