Експлозии и пожари во Одеса
Руските сили ја бомбардираа Одеса. Жителите јавуваат за експлозии и пожари. Според регионалната администрација погоден е критичен инфраструктурен објект. На барање на Ердоган Москва отвори хуманитарен коридор од Мариупол за евакуација на цивили и странски државјани.

Руските сили повторно го бомбардираат украинскиот град Одеса. Експлозии одекнаа утрово во градот. Жителите јавуваат дека имало експлозии и пожари. Портпаролот на регионалната администрација Сергеј Братчук изјави дека бил погоден еден од „критичните инфраструктурни објекти“ во Одеса.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека руските сили имаат за цел да го окупираат истокот и југот на земјата. Се пожали дека западните земји не му дале на Киев доволно противракетни системи.
„Нашите бранители продолжуваат да ја враќаат контролата врз заедниците во регионите Киев и Чернихив. Се повеќе и повеќе национални украински знамиња се веат во областите кои беа привремено окупирани. Украинските вооружени сили не ги пуштаат напаѓачите без борба, нанесуваат штета, го уништуваат секој до кој можеме да стигнеме. Ја зајакнуваме нашата одбрана во источниот правец и во Донбас. Свесни сме дека непријателот има резерви да го зголеми притисокот на исток“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Жителите на украинскиот град Буча, пак, добија помош во храна и лекови.
„Руските окупатори беа исфрлени одовде и тие трчаат кон Белорусија. Се разбира, оставаат многу трупови, многу уништени куќи, многу заробени места по себе“, изјави Олександр Меркушин, градоначалникот на Ирпин.
„Сите имаа некакви житарки, се носеше вода од резервоар. Потоа ни испратија и леб и ни дадоа каша“, рече жител на Буча.
Евентуална средба меѓу рускиот претседател Путин и неговиот украински колега, Зеленски ќе се одржи во Турција.
Датумот не е одреден, но ако има таква средба, ќе се одржи или во Анкара или во Истанбул.
Украинскиот преговарач Дејвид Арахамија изјави дека Русија ја прифаќа позицијата на Украина, освен ставот за Крим.
Досега имаше неколку рунди преговори. Последните разговори при крајот на март се одржаа во Турција.
Марина Ристова
