Реконструираните патишта во велешко ќе го забрзаат економскиот развој
Старите патишта во велешко, градени пред 50 и повеќе години веќе се минато. Рехабилитацијата на одредени делници и изградбата на нови го поврзува регионот и придонесува кон забрзан економски развој. Изборот на патните правци го направија самите жители...

Се наѕира крајот на рехабилитацијата на патот од месноста Јазли до село Иванковци во Велес. Се асфалтираат последните километри од втората фаза. Потоа следи третата, или последната делница од десет километарскиот локален пат.
„Овој пат претходно беше правен во 1976 година и беше еден од локалните патишта кои беа во најлоша состојба на територија на Република Македонија. Очекуваме согласно договорите и динамиката на работењето, овој пат да биде готов до месец мај и со тоа ќе добиеме еден модерен реконструиран пат во должина од скоро 10 километри“, рече Миле Јанакиевски Министер за транспорт и врски.
Изградбата на патот до Иванковци чини 750.000 ера. По неговото завршување дирекна корист ќе имаат околу 2000 жители
„Овој пат го бараат жителите на двете населени места ,но го бараа и жителите од соседното Кумарино. Знаете какви беа условите за доаѓање до Иванковци и Мамутчево ,но во овој момент и самите сте сведоци дека градежната офанзива во Велес не е запрена“, рече Славчо Чадиев градоначалник на општина Велес.
Во изминатите три години во Македонија изградени или рехабилитирани се 288 локални патишта со вкупна должина од 566 километри.
„И во 2014 и во 2015 година ќе продолжиме со реконструкција на локалните патни правци. Предвидено е да се реконструираат околу 100 локални патишта со вкупна должина од 200 километри“, вели Јанакиевски.
Според надлежните патната инфраструктура и локалните правци во општината се на потребното ниво. Останува уште да се рeхабилитира патот до село Сливник.
Дијана Иванова
