Тетово се гуши во отпад и прашина, екологистите бараат казни
Улици и тротоари кои не се мијат редовно, несовесни граѓани кои фрлаат смет, а не се казнуваат. Градот Тетово кој лани го доби неславното место како најзагаден во светот, сè уште што мака мачи и се гуши во кал, отпад и прашина. Екологистите бараат казни, општината најавува видено надзор, за тие што ја загадуваат околината...

Кал, прашина и смет по улиците и тротоарите, кои ретко се мијат и чистат. Купишта отпад на запуштени места низ градот, депонија со градежен шут. Ваква е сликата во Тетово, еден од најзагадените градови во светот.
Еколошката свест на населението е ниска, но и општината неажурна, велат тетовци.
Општината минатата недела организираше еко акција. Градоначалникот Биљал Касами собираше смет по јавни површини. Целта е вели да се разбуди еколошката свест кај населението, оти градот не може да ја одржува хигиената, ако некој постојано фрла смет наоколу.
Треба да се организираат чести акции и да се чисти секој ден. За несовесните граѓани кои ја загадуваат околината потребни се поголеми казни, велат еколошките организации.
Лани и годинава ниту едно лице не е казнето поради фрлање на смет. Општината вели дека немаат доволен број инспектори за контрола и казни на тие што ја загадуваат околината. Најавија видеонадзор на црните еколошки точки низ градот. Сите евидентирани загадувачи ќе бидат јавно прикажани и казнети.
Зоран Димовски
