Концерт

Омаж за Саша Николовски- Ѓумар во Филхармонија

04.04.2022 09:54

На програмата на овој концерт се две дела од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов - Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, а диригент е Вања Ѓумар Николовски.

Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Омаж за Саша Николовски -Ѓумар“, посветен на големиот македонски диригент. Пред концертот во фоајето на Филхармонија ќе биде отворена и изложба на дела од Саша Николовски -Ѓумар, кој освен диригирањето кое му беше професија, имаше пасија и кон сликањето и пишувањето.

На програмата на овој концерт се две дела од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов - Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, а диригент е Вања Ѓумар Николовски.

Рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873-1943) има посебно место во историјата на музиката. Беше композитор кој пишуваше исклучително романтична музика, иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Тој продолжи таму кај што застана Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век со индивидуализам и препознатливост.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар.

Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург на Конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје во класата на проф. Гоце Коларовски. Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, Хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство.