Истрага по масакрот во Буча
Близу до Киев пронајдени 410 тела. Украинските обвинители истражуваат можни воени злосторства на руските сили. Кремљ демантира-од Буча се повлековме на 30-ти март. Побарана итна седница на Советот за безбедност. Според британското Министерство за одбрана, Русија сега се фокусира на офанзивата во Донбас…

410 тела биле пронајдени во градовите во близина на Киев, како дел од истрагата за можни воени злосторства извршени од руската војска, изјави државниот обвинител на Украина. Според градоначалникот на Буча 300 жители биле убиени од руските сили додека чеченските борци ја контролирале областа. Жителите тврдат дека таму биле погребувани телата во првите денови од војната.
„Не видов со мои очи како се убиваат овие луѓе, но видов како ги бркаат. Руските војници вадеа пиштоли. Рекоа дека ќе убијат. Запираа автомобили без причина и пукаа ракети кон којзнае што. Тоа е сè што можев да видам.“
„Сите луѓе што одеа во оваа област беа застрелани. Се плашевме да излеземе бидејќи ако те видеа, ќе пукаа во тебе. Многу се плашам да разговарам со тебе. Се плашам дека ќе се вратат.“
„Ако останете тивки и пасивни, ќе ја имате крвта на овие луѓе на вашите раце, застрелана во тилот. Мора да дејствувате за да ја запрете оваа бесмислена војна и геноцид на украинскиот народ“, изјави Витали Кличко, градоначалник на Киев.
Западните лидери со осуда. Повикаа на истрага за воени злосторства и зголемување на санкциите кон Русија.
Претседателот Зеленски побара да бидат запрени руските воени злосторства.
„Светот веќе виде многу воени злосторства. Во различни времиња. На различни континенти. Но, време е да направиме сè што е можно за воените злосторства на руската војска да станат последна манифестација на такво зло на земјата“, нагласи Зеленски.
Москва ги негира наводите и тврди дека зад убиствата на цивилите стојат украински радикали и националисти. Бара итна седница на Советот за безбедност на ОН. Како причина ја наведе „грозоморната провокација на Украина“ за злосторството во Буча.
Марина Ристова
