Македонија

Не стивнуваат реакциите за пописот, бројот на атеисти поголем од првичните податоци

04.04.2022 11:15

Од партиите ПЦЕР, и Демократската партија на Србите во Македонија најавуваат дека тие сами ќе ги пребројат Ромите и Србите во земјава.

По објавувањето на официјалните резултати од пописот, променети се податоците за религиската припадност. Највпечатлива е промената на бројот на атеисти. Првичната бројка беше 355 лица, а сега бројката е 8.764. Од друга страна, недостига графата Евангелско-протестантски христијани и за Евреи. Од Државниот завод за статистика проверуваат. Велат, најверојатно станува збор за техничка грешка. Информација најавија за денеска.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите за резултатите од пописот. Од партиите ПЦЕР, и Демократската партија на Србите во Македонија најавуваат дека тие сами ќе ги пребројат Ромите и Србите во земјава.

Сметаме дека пописот е направен нестручно и непрофесионално. Ние за нашите потреби ќе направиме пребројување на Србите кои живеат во Македонија во соработка со нашата матична држава, изјави Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.

Пописот беше нестручно и непрофесионално спроведен, реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Власта пак, смета дека по 20 години, е направен успешен попис, според европски стандарди.