Победа на Александар Вучиќ и влез на десничарските партии во парламентот
Гласањето на изборите покажа и дека партиите кои според своите програми и политичкиот наратив се сметаат за десница, како Демократската партија на Србија и ПОКС, потоа Двери и Заветници, вкупно имаат освоено 37 пратенички места, приближно исто како и опозициската Обединета Србија.

По завршување на вчерашните избори во Србија, граѓаните по втор пат дадоа апсолутна доверба за втор претседателски мандат на Александар Вучиќ и доминација на Српска напредна странка (СНС) во парламентот со освоени 121 мандати од можни 250.
Гласањето на изборите покажа и дека партиите кои според своите програми и политичкиот наратив се сметаат за десница, како Демократската партија на Србија и ПОКС, потоа Двери и Заветници, вкупно имаат освоено 37 пратенички места, приближно исто како и опозициската Обединета Србија.
„Влијанието на Украинската криза беше огромно и според резултатите на изборите Србија драматично се движи кон десницата. СНС има освоено нешто помалку гласови, за што ќе водиме сметка кога ќе се формира владата и нема да ја формираме со оние кои на неодговорен начин ја користеа ситуацијата и влијаеа на определба на народот. Србија ќе мора да се определи како ќе оди во иднина, ќе разговараме со сите политички фактори дури и со оние најоддалечените од нас и не чекаат тешки времиња“, изјави Вучиќ.
Дилемата со кого Вучиќ ќе прави влада, можеби ќе дадат резултатите од изборите за градот Белград, каде опозициската коалиција Обединета Србија, најави дека заедно со останатите опозициски коалиции како Мораме и Нада водат на белградските избори. За разлика од нив, Ивица Дачиќ од Социјалистичката партија на Србија изјави дека СНС со нивните освоени гласови заедно може да владеат со Белград.
Според официјалните резултатите на Републичката изборна комисија врз основа на 91 отсто од обработените гласови, Александар Вучиќ освои најмногу гласови на изборите за претседател на Србија, 59,5 отсто, со што победи уште во првиот круг. Втор е опозиционерот Здравко Понош со 17,5 отсто.
На предвремените парламентарни избори според РИК врз основа на 87,67 отсто обработени гласови, најмногу гласови освои листата на СНС на Вучиќ со 43,4 отсто, на второ место се опозициската Обединета Србија со 13,1 отсто, а на трето е СПС со 11,7 отсто.
Во парламентот влегуваат и екологистите од коалицијата Мораме, и десничарската коалицијата Нада, Двери и Заветници.
Излезноста на изборите беше мошне висока со 59 отсто, а конечни резултати од изборите ќе бидат објавени вечерва во 20 часот.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
