Македонија

Се реконструира кумановскиот театар

04.04.2022 12:27

Интензивно се спроведува реконструкцијата на кумановскиот театар. Најдоцна од јули треба да започне и втората фаза. Средствата ги обезбеди Министерството за култура. Надлежните од кумановскиот театар, вработените и кумановци, изминативе години постојано алармираа за лошата состојба на објектот, изграден во 60-те години.

Тече реконструкцијата на кумановскиот театар. Првата фаза според проценките треба да заврши до мај годинава. Надлежните велат градежните активности се спроведуваат согласно предвидената динамика, па наскоро се очекува да почне и вториот дел од реконструкцијата.

„Направени се многу нови работи, кои досега ги немаше и се надеваме дека од јуни бидејќи треба да изготвиме дополна на проектот за меѓукатна просторија во театарот се надеваме дека од јули ќе започне и втората фаза за реконструкција на Театар Куманово“, изјави директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово, Сашо Тодоровски.

За првата фаза од реконструкцијата Министерството за култура одобри 10 милиони денари, додека за втората се предвидени 15 милиони денари. Кумановскиот театар е на површина од 1.200 метри квадратни. Објектот ќе биде приклучен и на гасификациската мрежа.

„Ќе имаме повеќе простор и за техниката и за актерите, единствено што ќе се намали се можеби местата за бројот на публиката, досега имаше 270 сега со реконструкцијата ќе има 200 места. Сите простории, секое катче, секој дел од овој театар е предвидено да биде мултифункционален, модерен и функционален за изведба на театарски претстави“, дополни тој.

Реконструкцијата опфаќа санација и преадаптација на темелите, гледалиштето, сцената, канцелариите, помошните простории, кабините. Надлежните од кумановскиот театар, вработените и кумановци, љубители на театарската уметност, изминативе години постојано алармираа за лошата состојба на објектот, изграден во 60-те години, а од тогаш само неколкупати бил реновиран.

Елена Георгиевска