Украина

Западот со осуда за масакрот во Буча

04.04.2022 12:41

Близу до Киев, во масовна гробница пронајдени 410 тела. Украинските обвинители истражуваат можни воени злосторства на руските сили. Кремљ демантира- руската војска од Буча се повлече на 30-ти март. Москва бара итна седница на Советот за безбедност. Полскиот премиер, Моравјецки, повика на меѓународна истрага за геноцид…

Украина почна истрага за можни воени злосторства извршени од руската војска, откако беа пронајдените 410 тела во градовите во близина на Киев. Според градоначалникот на Буча 300 жители биле убиени од руските сили додека чеченските борци ја контролирале областа. Жителите тврдат дека таму биле погребувани телата во првите денови од војната.

„Не видов со мои очи како се убиваат овие луѓе, но видов како ги бркаат. Руските војници вадеа пиштоли. Рекоа дека ќе убијат. Запираа автомобили без причина и пукаа ракети кон којзнае што. Тоа е сè што можев да видам.“

„Сите луѓе што одеа во оваа област беа застрелани. Се плашевме да излеземе бидејќи ако те видеа, ќе пукаа во тебе. Многу се плашам да разговарам со тебе. Се плашам дека ќе се вратат.“

„Работите што ги гледаме сега во Ирпин и Буча се хорор сцени. За жал, не се од филмови. Ова е реалност. Не разбирам ниту еден човек кој може да го направи ова. Агресорот сепак мора да плати за ова. Нема да го простиме она што им е направено на нашите градови и на нашите жители“, рече Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.

Западните лидери со осуда. Повикаа на истрага за воени злосторства и зголемување на санкциите кон Русија. Полскиот премиер Моравјецки повика на меѓународна истрага за геноцид.

Претседателот Зеленски побара да бидат запрени руските воени злосторства.

„Светот веќе виде многу воени злосторства. Во различни времиња. На различни континенти. Но, време е да направиме сè што е можно за воените злосторства на руската војска да станат последна манифестација на такво зло на земјата“, нагласи Зеленски.

Москва ги негира наводите и тврди дека зад убиствата на цивилите стојат украински радикали и националисти. Бара итна седница на Советот за безбедност на ОН. Како причина ја наведе „грозоморната провокација на Украина“ за злосторството во Буча.

Во меѓувреме руското министерство за одбрана јави дека руските воздушни сили погодиле 14 украински воени цели.

„Групацијата на војниците на самопрогласената Народна република Доњецк, развивајќи ја офанзивата, зазеде утврдена област и ја ослободи Новобахмутивка. Вооружените сили на Руската Федерација продолжуваат да напаѓаат украински воени објекти“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Руските трупи во специјалната воена операција уништиле 392 беспилотни летала, 211 ракетни фрлачи и близу 2.000 тенкови и други оклопни возила.

Марина Ристова