Здравство

Карванот за вакцинација го зголеми интересот за заштита од Ковид-19

04.04.2022 14:35

По посетени 14 градски и рурални подрачја низ целата држава, заврши караванот за вакцинација. Пријавено е зголемување од над 11 насто во просечниот дневен број на вакцинирани лица. Најголем интересот во Струмица …

Карванот за вакцинација го зголеми интересот кај граѓаните за да се заштитат од Ковид-19. Раст од 11 проценти минатата недела, бележи просечниот дневен број на имунизации, информираат од надлежното министерство. Бројките покажуваат дека најголем бил интересот во Ново Село каде во еден ден вакцини примиле педесетина граѓани, додека во пунктот во Струмица за два дена се имунизирани над 100 лица. За неколку часа во скопско Шуто Оризари се вакцинирани 35, а во неделите пред карванот само 4 лица.

„Бројките на вакцинирани се зголемија во тој период од овие активности за два до три пати. Поголем интерес имаше во Ново Село и сметам дека вакви акции треба почесто да се организираат поради тоа што вакцинација им е повеќе достапна на терен отколку да дојдат на пункт. Вакцинацијата претставува единствен и најбезбеден начин за стекнување на колективен имунитет се со цел да се спречат тешки клинички форми на болеста“, вели за МТВ докторот Кристијан Тренчев.

Карванот траеше две недели, заврши во Струга. Беа опфатени 14 градови и населени места. Надлежните велат-ќе продолжиме со активностите со кои ќе се поттикнува имунизацијата. Освен можноста да се прими вакцина во рамките на карванот граѓаните беа информирани и за придобивките од имунизацијата, но и за ризиците од нејзино можно одложување.

Според последните податоци 41 процент од населението е вакцинирано со две дози додека само 7 насто примиле трета, бустер доза како заштита од Ковид-19.

Неделава се очекува да се прифатат и предлозите на комисијата за заразни болести, средношколците да одат на настава без заштитна маска, а училиштата повторно да организираат екскурзии.

Викторија Милевска