Битолскиот Црвен крст ја зголемува меѓународната соработка

07.04.2014 10:21

Во Битола поставена е спомен плоча за Густав Моние идеологот на Црвениот крст во светски рамки. Со ова се проширува визијата за Црвениот крст и се продлабочува соработката со организацијата чија мисија е хуманоста и правдата...

Битолската организација на Црвениот крст ја продлабочува својата меѓународна соработка. Во присуство на висока делегација на комитетот од Женева, беше поставена спомен плочата на Густав Моние, еден од петмината основачи  на  најмасовното меѓународно хуманитарно движење. Дирекните потомци на Моние, сметаат дека ова ќе отвори нови можности за повисока соработка со земјата која ја дала големата хуманистка Мајка Тереза и со безброј примери докажала дека тој дух знае да го негува.

„Следниот наш проект е биографијата на Густав Моние да се преведе на Македонски и Албански јазик. Тоа ќе биде еден вид монографија која ќе ги опише залагањата делата, на овој човек рече“, Роџер Дуран претседател на организацијата со седиште во Женева.

Реализацијата на иницијативата во конкретно дело е голема работа за општинската организација, затоа што таа е првата во Македонија и поширокиот регион што поставува обележје во чест на ова истакнато хуманитарно име.

„Целта ни е и понатаму да ја прошируваме нашата визија за Црвениот крст. Ова отвора една голема врата да се биде во контакт и да се соработува со една престижна и надалеку позната организација чија мисија е правдата и хуманоста“,  рече Никола Христовски претседател на битолската организација.

Христовски очекува овој гест да придонесе за поголем интерес кај помладите генераци, а со тоа и подлабоко развивање на свеста колкаво е значењето на овие организации во глобални рамки.

 

Стевче Митревски