Намален бројот на жители во Велес, младите заминуваат
Општина Велес има 6.645 жители помалку од пописот пред 20 години. Младите заминуваат поради лошиот социо-економски момент во градот и државата…

Општина Велес брои 48.463 жители, има 16.566 домаќинства и 18.630 живеалишта. Ова се бројките кои ги соопшти Државниот завод за статистика по извршениот попис во септември 2021-ва година. Според пописот од 2002-ра година, Општина Велес броела 55.108 жители или во 2021-ва имала помалку 6.645 жители.
По полова припадност повеќето од населението во општината се жени за, 0,6 отсто повеќе. По етничка основа Македонци се 76%, Албанци 5,6%, Бошњаци 3,8%, Турци 2,1%. Поголема смртност од наталитет, повеќе внатрешно раселување, но и иселување од државата придонесоа за општината да има помал број жители.
Во трите соседни општини, во две од нив Градско за 527 и Лозово за 594 жители, има помалку население отколку со пописот пред 20 години. Единствено во општина Чашка се зголемил бројот на жители, за 269. Таму има и промена во доминантната етничката припадност, ако до 2002-ра биле Македонците со 57%, со пописот до 2021 се Албанците со 51 отсто.
Петар Печков
