Македонско-бугарска комисија

Нема напредок во историската комисија

04.04.2022 15:52

Бугарскиот историчар Димитров го проблематизира континуитетот на Македонската православна црква. Копретседателот на мешовитата комисија вели, кревањето рампа за унијата е само желба на Скопје. Немаме понуден документ, изјави македонскиот премиер. За ВМРО-ДПМНЕ станува збор за таен договор...

Нема напредок во работата на мешовитата македонско-бугарска комисија, изјави за националниот бугарски јавен сервис, историчарот Димитров. Тој го оспорува и континуитетот на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, потенцирајќи дека кревањето на ветото за Скопје за сега е само желба.

„За Охридската архиепископија, како и за крајот на првата бугарска империја и цар Самуил, има доволно документи, за Охридската архиепископија има исклучително важни документи кои објаснуваат како и зошто оваа институција треба да се организира“, рече Димитров и категорично изјави дека нема политички притисок врз комисијата од бугарската страна.

„Во колапсот на комунистичкиот систем, ослободената енергија беше насочена не само кон иднината, туку во извесна смисла и кон минатото. РСМ е типичен пример дека оваа критичка анализа на оваа врска меѓу историјата и политиката сè уште не се случила таму. Доволно е да се каже дека кога таму беше воспоставена комунистичката власт, немаше професионални историчари, немаше историска наука. Во демократските општества историчарите можат да им се одмаздуваат на политичарите и можат да бидат независни и да работат критички“, рече Ангел Димитров

До владите на Северна Македонија и Бугарија нема пристигнато никаков документ од мешовитата историска комисија, што значи дека нема постигнато никаков договор-потврди македонскиот премиер Ковачевски. Без да прецизира детали тој вели дека историчарите треба да ја водат дискусијата во позитивен дух.

Нетранспарентноста на власта во преговорите ги доведува во прашање националните интереси на Македонија – оценија во опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Според оваа партија станува збор за таен договор.

„Уште еднаш се потврди дека за штетните политики македонската јавност дознава од соопштенија на бугарските власти. Таканаречениот успех е уште еден пораз за македонската историја, за македонскиот идентитет и за македонската посебност. Владата на Ковачевски молчи, додека бугарската страна слави за успех во преговорите со историската комисија. Таканаречената позитивна атмосфера во преговорите овој пат резултира со договор за Цар Самоил. СДСМ, Ковачевски и Османи безидејни како да го прикријат ова со денови одбегнуваат да дадат конкретни одговори на македонската јавност. Ниту граѓаните, ниту пратениците не се информирани што е договорено во историската комисијата и за кој напредок Бугарија прогласи успех“,  рече Марија Митева

ВМРО-ДПМНЕ одново побараа од министерот Османи да ги информира македонските пратеници за текот на преговорите.

Миле Ристески