Оглас за закуп на земјоделско земјиште до три хектари
Тече огласот за закуп на земјоделско државно земјиште во 9 општини во државава. Понудените површини наоѓаат во Кавадарци, Росоман, Неготино, Ресен, Струга, Струмица, Тетово, Валандово и во Гевгелија, а се наменети за одгледување на долгогодишни насади. Парцелите се со големина до 3 хектари, а изборот на закупувачите ќе биде со бодување.

Површината за којашто може еден земјоделец да достави понуда е со големина до 3 хектари во катастарските општини на Кавадарци, Росоман, Неготино, Ресен, Струга, Струмица, Тетово, Валандово и во Гевгелија.
Парцелите се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 30 до 70 години.
Право на учество имаат домашни физички и правни, и странски правни лица. Компаниите мораат да достават бизнис план, а земјоделците програма за користење на земјиштето. Почетната цена на закупот се движи од 3.140 во Валандово до 16.800 денари по хектар во Неготино.
Доколку закупецот е физичко лице е на возраст до 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот за закуп.
Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.
Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 30 дена од неговото објавување на 31-ви март.
Методија Трајков
