Нападите продолжуваат, конфликтот се разгорува
Жестоки гранатирања на руската војска во градот Миколаев. Десетици цивили загинаа, многумина се ранети. Советот за безбедност на ООН свика состанок за состојбата во Буча. Рускиот амбасадор тврди-Украина ги фабрикувала доказите. Украинскиот претседател Зеленски, пак, обвини-Москва се обидува да прикрие докази за масовни убиства на цивили во Мариупол. Вашингтон ќе бара суспензија на Русија од советот за човекови права.

Руско-украинскиот конфликт и натаму се разгорува. Состојбата на фронтот се влошува. Дипломатските обиди за мировно решение сè уште без значителен напредок. Киев предупреди дека руските сили се подготвуваат да го заземат Харков. Украинскиот претседател Зеленски ги обвини дека се обидуваат да прикријат докази за масовни убиства на цивили во Мариупол.
„Даваат лажни интервјуа, монтираат снимки. Намерно ќе убиваат луѓе на начин кој ќе изгледа како некој друг да го сторил тоа. Окупаторот веројатно ќе се обиде да ги скрие трагите на злосторот. Не им успеа во Буча кога се повлекуваа, но можеби тоа ќе биде можно на друга територија“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Кремљ категорично негира. Зад она што се случило, според Москва, стојат Киев и западните поддржувачи.
„Целта на оваа провокација е ужасна и ги оживува кошмарите на нацистите во Втората светска војна. Додека градот беше под руска контрола, ниеден жител не беше жртва на насилство во која било форма. Граѓаните се движеа слободно, користеа мобилни телефони за да постираат фотографии и снимки на социјалните медиуми“, изјави Василиј Небензја, руски амбасадор во ОН.
За Русија, САД и сојузниците најавуваат нови економски санкции, за Укриана-дополнителна воена помош.
„Очекувајте нови санкции неделава. Се координираме со сојузниците и партнерите околу конкретните параметри. Оваа недела ќе најавиме дополнителен економски притисок“, изјави Џејк Саливан, американски советник за национална безбедност.
Вашингтон ќе бара од Генералното собрание на ОН да ја суспендира Русија од Советот за човекови права. За тоа ќе биде потребно двотретинско мнозинство од 193-членото тело во Њујорк.
Маја С. Филдишев
