Руско-украински конфликт

Состојбата на фронтот се влошува, најавени нови санкции за Москва

05.04.2022 12:45

Руско-украинскиот конфликт се разгорува. Состојбата на фронтот се влошува. Според последните извештаи на светските медиуми, во март САД успешно тестирале хиперсоничен проектил откако Русија извести дека употребила ваква ракета во Украина. Дипломатските обиди за мировно решение сè уште без значителен напредок. ЕУ и САД најавуваат нови санкции за Москва…

Повторно активирани сирените за тревога во Украина. Стартуваше руската офанзива кон Луганск и Доњецк. Под силен оган е и Харков. Жестоки битки и во опколениот Мариупол. Масовно иселување и од Одеса.

„Претешко е, мојата снаа и децата си одат, ние остануваме. Не знаеме што ќе биде. Се надевам ќе се најдеме повторно“, изјави Лилија Тома, жител на Одеса.

Случајот во градот Буча ја разгоре и дипломатската војна. Киев ја обвинува Москва за масакр над цивилите, Кремљ тврди – нападот е исцениран.

„Даваат лажни интервјуа, монтираат снимки. Намерно ќе убиваат луѓе на начин кој ќе изгледа како некој друг да го сторил тоа. Окупаторот веројатно ќе се обиде да ги скрие трагите на злосторот. Не им успеа во Буча кога се повлекуваа, но можеби тоа ќе биде можно на друга територија“, изјави претседателот Зеленски.

„Ноќта на 4 април во селото Мошун, 23 километри северозападно од Киев, војската од 72-иот оперативен центар на Украина направи лажно видео со цивили кои наводно биле убиени од руската армија кое го објавуваат и западните медиуми. Слични активности се организирани и во Суми, Конотоп и други градови“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

„Додека градот беше под руска контрола, ниеден жител не беше жртва на насилство во која било форма. Граѓаните се движеа слободно, користеа мобилни телефони за да постираат фотографии и снимки на социјалните медиуми“, рече Василиј Небензја, руски амбасадор во ОН.

ЕУ и САД најавуваат нови економски санкции.

„Очекувајте нови санкции неделава. Се координираме со сојузниците и партнерите околу конкретните параметри“, изјави Џејк Саливан, Американски советник за национална безбедност.

„Дискутираме за она што може да се направи во енергетиката, со јагленот и нафтата. За дополнителни санкции во трговијата. Нови чекори, односно нови казнени мерки. Во оваа ситуација е важно што настапуваме со моќен пакет санкции поради ужасите кои ги гледаме од руската армија во Украина“, рече Валдис Домбровскис, еврокомесар за трговија.

Вашингтон ќе бара од Генералното собрание на ОН да ја суспендира Русија од Советот за човекови права. По Франција и Германија, руски дипломати протерани и од Данска и Италија.

Маја С. Филдишев