За една година ќе се затворат 300 стечаи
За помалку од една година треба да завршат сите отворени постапки за стечај
За помалку од една година треба да завршат сите отворени постапки за стечај кои се влечат со години, од далечната 1989-та, се до 2011-та. Владата усвои нов специјален закон кој важи само за 300 фирми кои ја немаат завршено стечајната постака.
Ќе бидат завршени „Типо“, „Порцеланка“, делови од „Железара“ и „МЗТ“, земјоделски комбинати, но ќе бидат решени и случаи на фирми со проблематични истории како „Фиком“ и „Самарија“.
„На тој начин ќе се решат и многу голготи на многу работници коишто очекуваат тоа да се разреши. Некои од нив очекуваат дел од стечајната маса ако оди во ликвидација, некаде можеби има услови за некоја реорганизација, некаде во ликвидација некој ќе ги купи објектите, машините и тн., па ќе го обнови производството, па со обновата на производството ќе вработи некои од поранешните вработени или некои нови вработени... како и да е, тие закочени стечајни постапки ќе бидат откочени, ќе бидат завршени“, изјави премиерот Груевски
Во исто време се носи и друг закон за стечаите што се базира на вонсудско спогодување. Со него се отвора последна шанса за договор меѓу фирмата и доверителите, да се направи обид за реорганизација пред да се отвори стечајната процедура.
Фирмите кои допрва би паднеле во стечај според новиот закон по теркот на дански модел, ќе ги завршува постапките најмногу во период од една година.
Миле Ристевски
