САД: ЕУ ја суспендира изградбата на „Јужен тек“

07.04.2014 10:38

Политичката криза во Украина доведела до одлуката во Брисел целосно да се запре издавањето на дозволите што се потребни за изградбата на гасоводот ...

Изгардбата на рускиот гасовод „Јужен тек“ кон Балканот е суспендирана, изјави висок американскиот дипломат задолжен за енергетската политика на САД, Карлос Паскал. 
 
„Јужен тек е многу важно прашање. Тој нема да донесе нови количества на гас во Европа, туку само ќе пренасочи гас кој сега минува низ Украина преку друг гасовод. За да можеме да го изградиме овој гасовод, Газпром и нивните партнери мора да добијат огромен број дозволи од Европската Унија. ЕУ најави дека го суспендирала тој процес и нема да дозволи нови чекори во таа насока. Нема банка која ќе одобри средства за изградба на гасоводот доколку нема дозволи од Европската унија, така што проектот сега е запрен и нема перспектива да оди напред“, изјави Паскал, кој во Атланскиот совет на САД ја претстави енергетската состојба во Европа по украинската криза.
 
Политичката криза во Украина доведела до одлуката во Брисел целосно да се запре издавањето на дозволите што се потребни за изградбата на гасоводот што е предвидено да поминува под Црното Море, објаснува Паскал, со ставот дека како главна бирократска пречка за изградбата на гасоводот ЕУ ќе ја користи монополската позиција на Гаспром во Русија и ќе бара реципроцитетно отворање на пазарот, пред да може оваа компанија да инвестира во Европа.