Војната во Украина негативно се одразува и врз културните институции
Зголемувањето на цените што ги предизвика војната во Украина негативно ќе се одрази и врз работењето на културните институции. Од охридскиот Завод и Музеј велат дека ќе имаат проблеми да ја реализираат годишната програма бидејќи проектите, особено оние градежните кои биле изработени лани или во претходните години со новите цени ќе бидат поскапи за неколку пати. Проблем ќе бидат и тендерите бидејќи приватните компании тешко дека ќе се одлучат да аплицираат при варирање на цените бидејќи се работи за проекти со однапред заокружен буџет што ја отвора можноста да работат со загуби.

Иако Министерството за култура годинава издвои далеку поголема сума од лани за реализација на проектите на охридскиот Завод и Музеј ценовните шокови по војната во Украина ќе предизвикаат многу проблеми за нивна реализација. Особено тоа се однесува на оние поголемите каде што трошоците за градежни материјали доминираат како што се Куќата на Момирови во Охрид, зградата на Народна одбрана во Струга и Куќата на Калајџиеви во Вевчани.
„Тоа значи дека ние ќе се соочиме се еден многу сериозен проблем оваа година и ќе имаме недостаток на средства за реализација на проектите. Проектите и пресметките се изработени или минатата година или пред 2-3 години, За онаа цена којашто ние ја имаме во проектот за реализација на пример на првата фаза ако биле потребни 3 милиони денари според овие математики денешни може да испадне 4 милиони, 5 милиони, можеби дупло“, изјави Мишко Тутковски- директор на Завод и Музеј Охрид.
Во сегашните услови прашање е дали приватните компании при огромно варирање на цените воопшто ќе аплицираат на јавните набавки бидејќи не знаат дали со одобрените средства ќе можат да ги покријат трошоците.
„Јас ги разбирам затоа што потпишувањето на договор за една јавна набавка би било цената и количината на материјали коишто се предвидени во јавната набавка дека треба да се достават во целост. Тие може да имаат огромна загуба доколку се јават на некоја јавна набавка. Не само нашата установа мислам дека сите останати државни институции и установи во Македонија ќе се соочат со овој проблем“, додава Тутковски.
Сепак од Заводот и Музеј се оптимисти и велат дека ќе ги реализираат проектите, но дека можеби нема да го направат тоа онака како што замислувале.
Сашо Нелоски
